• сабота, 22 февруари 2025

Неформално заседание на ГАК во Варшава, поканети и претставници на кандидатите за членство во ЕУ

Неформално заседание на ГАК во Варшава, поканети и претставници на кандидатите за членство во ЕУ

Брисел, 17 февруари 2025 (МИА) – Хибридните закани, новата повеќегодишна буџетска рамка и зајакнувањето на подготвеноста ќе бидат главни теми за дискусија на неформалното дводневно заседание на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ, што почнува денеска во Варшава. 

Според најавата на Полското претседателство со Советот на ЕУ, средбата на министрите или државните секретар за европски прашања на земјите на Унијата ќе започне со размена на мислења за хибридните закани со кои се соочуваат членките, но и државите кандидати за членство во блокот.  

Од таа причина, на оваа расправа на покана на Полското претседателството ќе учествуваат и претставници од земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. 

По ова, Советот ќе продолжи со дебата за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот по 2027 година, при што се очекува на земјите членки да ги претстават своите очекувања од следниот седумгодишен буџет на Унијата, што Европската комисија треба да го предложи во текот на оваа година. 

Заседанието ќе заврши со размена на мислења за зајакнување на воената и цивилната спремност и подготвеност на Европа врз основа на извештајот што неодамна го презентира поранешниот фински претседател Саули Нинисто. 

Неформалните заседанија на советите на ЕУ се собири на министерско ниво на кое не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за одредени теми и прашања. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан